„ИЗМЕШАНИ ИДЕНТИТЕТИ“ – ЛИКОВНА ИЗЛОЖБА НА НИКОЛА СТАНКОВСКИ       

Во НУЦК Крива Паланка е отворена изложбата “Измешани идентитети” од академскиот сликар Никола Станковски.

Зачекорете во светот на боите, формите и симболите преку изложбата „Измешани идентитети“ на младиот кривопаланечки академски сликар.

Неговите дела се изработени во техника на масло, акрил и комбинирана техника. Авторот го истражува современиот човек во хаотичниот свет на денешницата – свет во кој личниот идентитет постојано се преиспитува, менува и губи во мноштвото влијанија, наметнати улоги и внатрешни противречности.

Користејќи конкретни и апстрактни мотиви, Станковски создава ликовни композиции во кои навидум различните елементи се надополнуваат и поврзуваат во една целина. 

„Измешани идентитети“ е покана за набљудување, доживување и лична интерпретација – затоа што секое дело може да раскаже различна приказна, зависно од погледот на оној што го доживува.

Изложбата е проект од Годишната програма за работа на НУЦК Крива Паланка поддржан од Министерството за култура и туризам.